„Молња од Јамајка“ – таа ноќ го осветли небото над Берлин

Home » „Молња од Јамајка“ – таа ноќ го осветли небото над Берлин

„Дури и кога ја мина целната линија, не успеав да го стигнам“, рече Асафа Пауел; задишан од напорите на 16 август 2009 година на Олимпискиот стадион во Берлин. Неколку минути откако ја освои својата втора светска бронза во трката на 100 метри.

Зборовите кои ги изговори се однесуваа на неговиот сонародник Јусеин Болт.

„Молња од Јамајка“ – таа ноќ го осветли небото над Берлин – во најбрзата трка досега, Болт истрча 100 метри – пардон, прелета – за 9,58 секунди, 11 стотинки побрзо од неговиот претходен светски рекорд, а 13 стотинки пред Американецот Тајсон Геј, кој заврши втор.

„Најдобро чувство засекогаш“, тогаш прокоментира 23-годишниот спринтер, познат по брзината, но и по своите ноќни излегувања.

Меѓутоа, додаде: „Вечерва нема да има забава за мене“. За два дена го чека ново натпреварување.

Четири ноќи подоцна, на 20 август 2009, Болт уште еднаш ѝ го одзеде здивот на спортската планета. Овојпат, му требаа 19,19 секунди за да ја застане часовникот на 200 метри. Нов триумф, ново злато, нов светски рекорд.

И тоа не му беше доволно.

За крај, на 22 август, со своите сонародници Пауел, Малингс и Фрејтер приреди уште еден блесок на спринтерската моќ. Штафетата на Јамајка на 4 x 100 метри го освои златото со време од 37,31 секунди, но овој пат не постави нов рекорд.

Болт веќе седум години е во спортска пензија, но неговите берлински рекорди на 100 и 200 метри сè уште стојат.

И веројатно ќе стојат уште долго време.

Во најкратката спринтерска дисциплина, по него никој не бил побрз од 9,69 секунди (Тајсон Геј, септември 2009), а најдобриот резултат во третата деценија од 21 век е 9,76 (Трејвон Бромел, 2021), додека на 200 метри најмногу му се приближи уште еден сонародник, Јохан Блејк, со време од 19,26 во 2011 година.